Дарбата на крстопат

Талентот (дарбата) или го (ја) имаме или не. За среќа, ретки се неталентираните за што било. И што е уште поважно – тоа наше обележје го носиме со себе од најраното детство се до смртниот час, кога најчесто предизвикува каење заради пропуштеното. Притоа, не мислиме само на талентот (кој никако не треба да се поистовети со она што се нарекува „вештина”) за некој вид уметност, туку и за наука, организација, естетика…

Во многу случаи подразбира автоцензура и постојано самопреиспитување. Нема човек што никогаш не се запрашал „дали сум доволно добар (добра)”. Сепак, со најголемиот предизвик се соочуваме без наша вина. Станува збор за мешањето отстрана, по правило токму од „најодговорните” за нашето постоење. Оние кои не сакаат најмногу. „Тоа твоето не носи пари, како ќе ја храниш фамилијата” е аргументот кој, без двојба, многу лесно може да поколеба секоја недоразвиена и ситна душа. Но, дарбата не е случајна. Таа е исконска и е всадена во нас од „највисоко ниво”. Тлее длабоко во целото битие, во секоја пора, иницирајќи неснослив порив кој буди дури и во најситните часови, се додека не ја заситиме гладта за творење, совладувајќи го иритантно рационалното.

Бројни се случаите на оние кои сепак успеале да ја маркираат својата дарба се до квечерината од животниот пат. Дури и тогаш морале да попуштат, фаќајќи се во костец со поривот и не посветувајќи внимание на рацете кои силно треперат. Накусо, не постои период од животот кога дарбата не не искушува, педантно и упорно испитувајќи ја нашата фреквенција, биоритамот и моменталното расположение. Талентот не може да го третираме како движечка сила, затоа што во својата суштина тој не е тоа. Повеќе наликува на трансцедентален импулс кој, колку и да е слаб, подразбира постојан напор да се применува, негува, одржува и развива а по потреба и возобновува. Тој е ништо помалку жив и чека да излезе на виделина, дури и кога сме помислиле дека, во еден момент, засекогаш сме се ослободиле од него.

Затоа, млади, но и оние кои тоа веќе не сте, не се спротивставувајте кога поривот ќе ве совлада. Дозволете и на дарбата да се протегне и заблеска во сиот свој сјај, обземајќи ве целосно. Затоа што, тоа сте вие и токму според степенот на вашиот талент се разликувате од останатите. Ако немате инспирација, заменете ја со импровизација. Избегајте од униформноста и конформизмот кои се антипод на творештвото, слично на корелацијата космос – хаос. Притоа, отсуството на мотивот не смее да претставува пречка. Не ја третирајте својата дарба со омаловажување, затоа што ќе изгубите многу важен дел од себе. Никој друг, вклучувајќи ги и најблиските, нема да го третира вашиот талент со поголемо внимание отколку вие самите.

З. Ц.

Слични Написи