По патеката на Четката ….
Деновиве, меѓу многуте роденденски подароци, добив и една слика. Додуша ја „нарачав“ сам пред извесно време, но стигна токму во „вистинското време“. На преминот од една во друга година, во мигот на пресекот од Минатото и Иднината, кој го нарекуваме Сегашност. Таа, Сегашноста, постои и се мери само во милисекунди – во една воздишка, во еден поглед, во една надеж. Но, верувајте, нема да постои Иднината доколку не се „појави“ и блесне токму тој најкраток миг. Нема да се создаде ниту Минатото како „долап на милиони воздишки, погледи, надежи“.
За мене, Уметноста е моќ на сублимирање на мудроста и убавината во едно творечко моќно дело. Со фантастичната рака на уметничкиот архитект, се создава дело кое во себе носи моќни животни пораки. Токму ова дело кај мене буди размислување за четири клучни филозофски размислувања:
Едната порака е дека ниту еден пат во Животот не е идеално прав и без препреки.
Втора порака најважно е да балансираме меѓу двете крајности на патот.
Трета порака, иако околу нас е шарено и полно со изненадувања, сепак треба да чекориме по патот кој што сме го зацртале.
И четврто, најважно, да бидеме свесни дали тој пат го креираме сами или сме дозволиле некој друг да го креира? Дали некој ја има „четката на нашиот живот“ во неговите раце додека ние слепо го следиме?
Оваа слика ја нареков „Четка на мојот живот“. Иако не ја гледате мојата рака, верувајте се трудам да ја „управувам“ сопствената четка и да креирам квалитетни животни содржини. Или како што вели воведниот текст на платформата https://to-do-r.life/: „Животот е „празнина”, неисполнета страница, неискусен миг кој Универзумот, Создавачот дозволува самостојно да го Креираме и да го Исполнуваме. Секој со своите способности, знаења, можности, капацитети, намери, очекувања, желби, потреби… Секој ја досегнува Точката во иднината каде сака да го достигне само успешно и умешно ја креира својата реалност на отсечката до Животот“.
П.с. Доколку некој/а „прочита“ уште некоја клучна порака, молам да ме искомуницира.

