Што е Животна енергија?

Секоја здрава и среќна личност е полна со живот, со енергија. Но, има луѓе кои изгледаат дека се без волја, без енергија, без живот… Едноставно, велиме „без душа“. Тука се поставува едно круцијално прашање: Може ли без еенргија да ги исполниме нашите животни соништа, цели, задачи? Или, како без енергија и волја, би се справиле со предизвиците на Животот?

Точно е тоа дека некои луѓе имаат повеќе енергија од другите. Но, сте се прашале зошто тоа е така? Што мислите за тоа? Можеби влијае и генетиката, но секако уште поважно е влијанието на нашето опкружување на лица, на предмети и уреди. Во вака широко размислување, слободно може да кажеме дека станува збор за покренувачка движечка сила или т.н. „Животна енергија“.

Концептот „Животната енергија“ постои насекаде низ светот, само под различни називи-имиња.  Пример, во Индија се нарекува „Прана“, во Јапонија „Ки“, во Кина „Чи“ а во западната алтернативна медицина честопати се нарекува едноставно животна сила или „vis vitalis“. Модерната западна наука не може директно да ја измери таа „Чи“ како посебна честичка, но може да ги измери биоелектричните и магнетните полиња во нашето тело со ЕКГ или ЕЕГ. Ова значи дека го признава постоењето на биополе кај човекот. Значи, животната енергија, или „Чи“ (Qi / Ki), е древен концепт за невидливата животна сила која струи низ сите живи суштества и го одржува Животот во баланс.

Во западен или во посовремен контекст се користи поимот Биоенергија како електромагнетното и суптилното енергетско поле (аура), кое го опкружува и проникнува секое живо тело. Практичарите на биоенергија веруваат дека може да го почувствуваат и насочат овој енергетски тек за да го поттикнат природното самолекување на организмот. Самиот збор биоенергија потекнува од грчкиот збор „био“ што значи живот или животна енергија, т.е. енергија која ја поседува секој од нас за да постои.

Разликата меѓу оние што работат како биотерапевти и „обичниот“ човек е тоа што кај просечниот човек биоенергијата или животната енергија е во т.н. нулта бариера и служи едноставно за живот. За функционирање на самиот човек. Додека луѓето што имат биоенергија во т.н. плусна бариера или нивото на животна енергија им е во плус ги нарекуваме луѓе – ракувачи со бионергија или биотерапевти. Тие имат можност со одредени едукукативни техники да пренесуват енергија на друг човек.

Во древната традиционалната кинеска медицина („Чи“) се смета за фундаментална енергија која тече низ невидливи канали во телото (меридијани). Кога овој проток е течен, мазен и урамнотежен, човекот е здрав. Ако дојде до блокада или застој, се јавува дисбаланс кој по некое време води до разболување. Најлесно е меридијаните да ги замислите како реки а „Чи“ како вода која тече низ нив.

Постојат седум главни меридијани или енергетски точки (т.н. Чакри) и повеќе споредни чакри, распространети насекаде по нашето физичко тело. Секој меридијан – чакра директно е поврзан со одреден внатрешен орган (на пример, меридијан на белите дробови, на срцето, на црниот дроб итн.).

Енергијата никогаш не стои, туку постојано кружи низ константен 24-часовен циклус. На секои два часа во денот, протокот на „Чи“ го достигнува својот врв во еден конкретен орган/меридијан. Ова е познато како биолошки часовник на органите. По должината на овие канали постојат специфични места каде енергијата е најблиску до површината на кожата. Тоа се акупунктурните и акупресурните точки. Со нивно стимулирање (преку игли, пресура, масажа или топлина) се отстрануваат блокадите, за енергијата да продолжи да тече слободно.

Се смета дека движењето на „Чи“ тесно е поврзано со дишењето и циркулацијата на крвта. Старите мајстори на древната медицина велат: „Каде што оди умот и здивот, таму оди и енергијата а каде што оди енергијата, таму ја следи и крвта“. Или, кога протокот е мазен и во рамнотежа и баланс (Јин и Јанг), телото е здраво. Ако некаде се појави „брана“ или застој во каналот, тој дел од телото останува без енергија, што води до дисбаланс, болка или болест.

Најчести причини за застој и дефицит на „Чи“ енергијата се:

1. Стрес и хронична напрегнатост

Кога сме под стрес, телото несвесно се грчи (особено вратот, рамената и вилицата). Оваа физичка затегнатост буквално ги „притиска“ каналите и го забавува или целосно го прекинува протокот на енергија.

2. Потиснати и интензивни емоции

Ова се смета за најголем причинител. Секоја долготрајна или пренагласена емоција блокира специфичен меридијан. На пример, стресот и лутината го блокираат црниот дроб, грижата и претераното размислување ја блокираат слезината и желудникот, а стравот ги слабее бубрезите.

3. Лоша исхрана и токсини

Внесувањето на премногу преработена храна, шеќери, мрсна храна и алкохол создава т.н. „внатрешна влага и слуз“ во телото. Тоа ја згуснува енергијата и прави таа тешко да се движи низ меридијаните.

4. Недоволно движење (седечки начин на живот)

Бидејќи „Чи“ го следи движењето на крвта и лимфата, долгото седење и физичката неактивност водат до стагнација. Прв знак за ова е чувство на тежина, вкочанетост и летаргија.

5. Физички повреди и лузни

Стари повреди, скршеници, дури и хируршки лузни, може физички да го пресечат или оштетат патот на некој меридијан, оставајќи го тој дел од телото со намален енергетски проток.

6. Лоши навики за спиење

Бидејќи енергијата се обновува и ги чисти органите во текот на ноќта (според биолошкиот часовник), хроничниот недостиг на сон директно го нарушува целиот енергетски систем.

7. Надворешни влијанија (клима)

Долготрајна изложеност на екстремен студ, влага, ветер или топлина може да навлезе во телото и да го блокира протокот на површинските меридијани (често се манифестира како ненадејна болка во грбот или зглобовите).

8. При интеракција со одредели личности појава на брз дефицит на енергија.

Постојат луѓе кои можат многу брзо да ни ја истрошат енергијата. Посебно ако сме чувствителна личност или емпат. Најголем проблем е тоа што сите не сме свесни за оваа појава. Некои од нас едноставно сметаат дека некои луѓе се „неподносливи“ по карактер… Други, при каква било релација со тие луѓе, чувствуваат недостаток на волја и енергија. И едните и другите се изложени на влијанието на  т.н.„Енергетски вампиризам“.

Автор: Д. Б.

Слични Написи