Знаење версус слепило

Отсекогаш ме фасцинирал феноменот – знаење. Во својот младешки занес и нереални и неосновани амбиции често си повторував дека се би дал да сум само 10 проценти попаметен. Тогаш не сфаќав дека, всушност, да се биде (само) паметен е едно, а полн со знаење, нешто сосема друго. Мислев дека, евентуално попаметен по некоја случајност, само небото би ми било граница. Ќе знаев во секоја пригода да ја донесам најисправната одлука, расчленувајќи го секој проблем од сите можни аспекти. Всушност, бев во фазонот: “Симба, погледни го своето кралство”.

Наредните децении и искуството кое тие го донесоа со себе, полека но сигурно ми ја соголеа таа амбиција. Би рекол за среќа, бидејќи, како и на сите останати, животот ми покажа и докажа дека да се биде успешен и експерт, може да се постигне и со сосема просечни интелектуални способности. Еве на пример, да ги погледнеме политичарите. Мислам на речиси сите со таа професија на третиот камен од Сонцето, а не само на тукашниве, да не се навреди некој. Интелигенција, во најдобар случај, просечна, а за некој вид експертиза, ниту збор. Сепак се успешни (не нужно и угледни), бидејќи знаат нешто што е вон видокругот кај обичните смртници. За жал, секојдневно гледаме и експерти кои воопшто не се од политиката, но со ништо поголем капацитет. Како притоа да се стекнеме и со углед, е сосема друга тема.

Нејсе, многу е интересно како науката го степенува знаењето. Првиот степен, стекнат уште со самото раѓање, е подсвесната неспособност. Тоа е тотално слепило кога не знаеме што треба да знаеме, што, како и од каде да научиме… За среќа, оваа фаза кај секој човек трае многу кратко, кога се преминува во вториот степен, се чини конечен кај огромен дел од светската популација – свесната неспособност. Станува збор за фаза во која и натаму не знаеме ништо околу некоја област или проект, но барем ни станува јасно што е тоа што треба да го научиме. Е токму тука сме сведоци на една многу раширена и интересна појава. На „експерти” за се и сешто, а книга не фатиле во животот. Но, и за тоа, другпат.

Третиот степен е свесната способност. Имено, во меѓувреме сме научиле се што било потребно и тоа го применуваме. Но, тоа го правиме постојано размислувајќи за секој чекор, за секоја постапка во процесот, со перманентна грижа да не сме прескокнале или заборавиле нешто. Всушност, ретко ќе се случи да не сме ја завршиле работата успешно, бидејќи освен знаење сме стекнале и извесно искуство, но по цена на енормна загуба на менталниот и физичкиот капацитет.

На крајот, доаѓаме до четвртиот, последен и највисок степен на знаењето – подсвесната способност, кога подсвеста, далеку помоќна од свеста, ја презема главната улога во се што правиме во дадената област. Без грешка се движиме кон зацртаната цел, без воопшто и да размислуваме како го правиме тоа. Притоа, не трошиме ниту премногу време, ниту енергија, бидејќи сме „сраснале” со постапките кои станале дел од нас. На пример, професионалните возачи поминуваат стотици километри без да размислуваат што прават со командите додека возат. Природно, тоа може да се постигне само после многу време и илјадници повторувања на една иста постапка, кога сами себеси ќе си кажеме дека конечно сме станале вистински експерти, што да не и лидери, во некоја област.

Но, не очајувајте. Имено, науката посочува и една далеку поприфатлива статистика. Замислете да мора да научите педесетина книги од некоја област за да Ве ценат како вистински експерт во неа. Не. Доволно ќе биде да проучите само неколку од книгите и веќе ќе имате неспоредливо повеќе знаење од 99,9 проценти од светската популација, што исто така ќе Ве направи експерт. Натаму следува само доусовршувањето како лична аспирација.

З.Ц.

Слични Написи