Слушај со срце ….

Во Животот многу е важно да се слуша. Сегментот на слушање во процесот на комуникација е суштинска база која дава дополнителна, друга вредност, на конверзацијата. Замислете како би изгледала комуникацијата меѓу двајца доколку едниот соговорник не слуша активно. Или поконкретно, слуша само толку колку да му помине редот на соговорникот и тој да го каже тоа што сака да го каже. Едноставно, не му е важно што ќе каже соговорникот, туку поважно е тој што ќе му каже на соговорникот. Значи, во ваквиот начин на комуникација е вклучен само мозокот на личноста што сака да пренесе одредена информација. Тоа не е комуникација, туку само пренос на информација.

Наспроти ова, додадена вредност во конверзацијата постои доколку се активни двата мозока на соговорниците. Значи, едниот размислува и следи што говори другиот. Потоа, другиот размислува и следи што говори првиот. Притоа, во овој процес, соговорникот што сака да каже остава простор на другиот соговорник да каже. Едноставно, простор да ја слушне информацијата, да ја процесира добиената информација и да оформи соодветен интелектуален одговор на пласираното прашање.

Совет: завршете ја секоја конверзација. Не оставајте информациите да лебдат во меѓупросторот. Не претпоставувајте дека соговорникот, исто така, ја затворил комуникацијата. Бидете јасни и чисти во изразувањето, но и сигурни дека соговорникот Ве разбрал правилно. Тоа не е едноставно, но е суштински важно. Се сеќавам на моите почетоци во комуникацијата со колегите од Австрија – експерти за комуникација.

Имено, по милион разменети е-маил пораки, секогаш ја завршуваа конверзацијата со заклучна е-маил порака во која бараат потврда дали добро разбрале и никогаш, ама баш никогаш не забораваат да кажат „благодарам“ како крај на конверзацијата. Се дотогаш, за нив, а верувајте сега и за мене, конверзацијата е активна и не затворена. Колку пати Ви се случило да конкурирате за работа или за соработка со клиент или за … и секако, да не добиете никаков одговор. Другата страна претпоставува дека незатворањето на комуникацијата значи дека првиот соговорник ја „разбрал“ и прифатил пораката со молчење.

Затоа, за да имате извонредно успешна комуникација, согласно моето искуство, најважно е да се слуша не само со уши, туку и со срце. Тука е филозофијата на разбирањето. Да сакате да комуницирате и да се разберете со соговорникот. Потребата од разбирање е психолошки процес да се разбере и прифати соговорникот. Прифаќањето и неприфаќањето на другиот, всушност, најчесто се базира на комуникацијата. Нели, едноставно е: не комуницираме со личности со кои не успеваме да се разбереме преку зборување.

Тодор Стојчевски

Слични Написи