Кога говори Душата – се друго е во сенка на Животот
Секој од нас, во животот, учи и најчесто, успева да „користи“ три јазика. Доколку успешно и умешно ги комбинира сите три јазика, тоа значи дека Човекот живее во хармонија со себе и со околината околу себе. Затоа што секоја дискрепанција меѓу овие три јазика е видлива и не постои начин таа да се сокрие и прикрие.
Првиот е јазикот на зборовите. Секој од нас, вербално, изговара многу зборови. Дека е добар, праведен, дарежлив, дека помага, дека сака, дека е внимателен и дека ќе направи СЕ за себе и за другиот / другата. Познавам многу милостиви и слаткоречиви луѓе.
Вториот е јазикот на делата. Овој јазик, всушност, говори за тоа што правиме. Најдобро е да биде усогласен со првиот – со јазикот на зборовите. Она што го говориме и да го правиме. Тоа е хармонијата во животот. За жал, многу луѓе не успеваат во намерите да говорат и да дејствуваат усогласено.
И третиот – најважниот е јазикот на Душата. Тој ги обединува првите два во себе – зборовите и делата. Тоа е јазикот кој не може да се контролира, не може да се менаџира, не може да се манипулира, не може да се дефинира. Едноставно, кога говори Душата – се друго молчи и е во сенка на Животот.
Драги мои, секоја приказна почнува со јазикот на зборовите. Се раскажува и прераскажува. Потоа, таа иста приказна се преточува во дела (така е најдобро). И на крајот, таа приказна го „живее својот живот“ само доколку е усогласена со приказната на Душата. За тоа треба време, но најважно е да се усогласат трите јазикот – на зборовите, на делата и на Душата.
Што значи тоа? Да говориме и да правиме СЕ што ќе биде во хармонија со нашата Душа. Кога сите заедно, како луѓе, ќе успееме да ги обединиме индивидуалните во колективна Душа– дури тогаш сме успеале да создадеме нешто поголемо од нас самите и нешто што ќе не надживее. И во оваа ситуација, во оваа состојба, говориме за мудроста и моќта на љубовта, на верата и на надежта.

