МЕМЕНТО ВИВЕРЕ!
Еден учен човек од далечното минато, Сенека, значителен дел од своето учење го посветил на смртта и на нејзиното влијание, како свест за неа, врз однесувањето на луѓето додека се живи. Имено, тој ја поистоветувал смртта со непостоење. Според него, таа е вистинската и природна состојба на секој од нас, бидејќи не постоиме за сето време пред да се родиме, исто како што нема да постоиме ниту кога ќе го напуштиме овој свет. Само извесно време, немерливо кусо во споредба со сето она време што му стои на располагање на Универзумот, правиме пауза меѓу овие две крајни, а сепак идентични, состојби. Со исклучок на претежен дел од религиите, истиот став е апсолутно доминантен и во науката се до денешно време. Но, целта на овој напис не е да се занимава со процесот на умирање како феномен, туку во колкава мера свеста за неа оневозможува квалитетно да живееме. Принципот „мементо мори”, сам по себе исклучително вреден, сепак би требало да му го отстапи местото на принципот „мементо вивере”.
Лично не верувам дека некогаш постоел, постои, или ќе постои човек кој барем еднаш не размислувал за смртта, без да почувствува страв од неа. Но, пред се и над се, таа треба да се прифати како составен дел од циклусот на Животот. Како неминовност. Треба да се помириме со фактот дека таа е неизбежна. Во спротивно, ќе заглибиме во погубната спирала на танатофобијата. А, бидејќи утрешниот ден не му е загарантиран никому, тоа сознание би требало да помогне да се однесуваме и да живееме поинаку.
Ставот на стручната фела од неколку области е дека поради стравот од смртта, огромното мнозинство од нас само преживува, без да живее квалитетно и поради тоа, почнуваме да се плашиме и од сето останато. А, колку повеќе се плашиме, толку помалку искуства доживуваме. Правиме еден вид одложено самоубиство,место да пловиме низ годините и декадите минувајќи си го времето главно ангажирани околу работите што не прават среќни и во друштво со најмилите. Не уживаме во ништо, бидејќи се плашиме од се. Но која е смислата да доживееме сто години во златен кафез, кога се подобри дури и само 50 години, со целосно исполнет живот.
Постојат неброени сведоштва од медицински лица, кои потврдуваат дека терминално болните пациенти не се плашат толку од смртта колку што искажуваат огромна жал што не живееле онака како што сакале. Практично, залудно си го потрошиле сето свое време. Затоа, луѓе, живејте го животот денес и од денес, без страв. Доколку се плашите да умрете, барем не плашете се да живеете. Користете ја смртта како поттик за живот. Сознанието дека еден ден ќе умрам, треба да ме мотивира да живеам денес.
Значи, повеќе не постоиме, туку сме во целосна празнина. Но, во истовреме не постои ниту свеста дека повеќе не нема. Не знам дека повеќе не постојам. Тогаш што ми е грижа ако не сум жив. Спротивно, ако постојам, зошто да се плашам од темнината, кога се уште имам живот кој трае и продолжува.
Физиката докажува дека енергијата ниту се создава, ниту се губи, туку преоѓа од еден во друг вид енергија. За нас е битно (и се уште без одговор) дали во моментот на смртта истовремено доаѓа и до трансфер на свеста (душата), односно на она што всушност сме ние. Затоа, многумина избираат, како излез да и се посветат на верата, односно духовноста, што е апсолутно исправно и во ред. Притоа, лично не мислам на религијата во вистинската смисла на зборот и тормозењето преку догми, правила и приказни за рајот и пеколот.
З.Ц.

