„Ќе“ или „сега“?
Во животот постојано стоиме пред избори, но еден од најсуптилните е изборот меѓу „ќе“ и „сега“. Зошто?
Од една страна „ќе“ звучи безбедно, удобно, ветува време и можност нешто да се направи подоцна. Кога велиме „ќе“, често си даваме лажно чувство на сигурност, си велиме дека имаме време, дека ќе почнеме утре, дека ќе се промениме некој друг ден. Но зад тоа „ќе“ често стои одложување. Деновите минуваат, а нашите планови остануваат само идеи.
Може да се гледа на ова и симболично: кога постојано велиме „ќе“ (како да) испраќаме порака во универзумот дека нешто го немаме во сегашноста. Нашиот фокус е на недостигот, а не на делувањето. Ако постојано се вртиме околу мислата „не сега“, лесно остануваме заглавени во истото место – не затоа што не можеме, туку затоа што постојано го одложуваме моментот на почеток.
Од друга страна, „сега“ е тежок избор. „Сега“ бара храброст, одлука и акција во моментот. Тоа значи да се соочиме со стравот, со несигурноста и со можноста да не успееме. Но токму во „сега“ се крие вистинската промена. Секој успех започнува со мал чекор направен во вистинскиот момент – а тој момент, секогаш, е сегашноста.
Интересно е што може да го искористиме и јазикот како алатка за промена. Дури и за работи што сè уште ги немаме, може да зборуваме во сегашно време – како веќе да се дел од нашиот живот. На пример, наместо „ќе бидам успешен“ да кажеме „јас сум успешен и работам на себе“. Со тоа не се лажеме, туку создаваме внатрешно чувство како би изгледало кога тоа навистина би било реалност. Тие чувства нè мотивираат, нè движат напред и даваат сила да делуваме.
Постои и идеја позната како „закон за привлечност“ која вели дека она на што му даваме внимание и енергија – го привлекуваме во нашиот живот. Според ова гледиште, кога зборуваме за нашите желби како веќе да се случуваат, во сегашно време, го насочуваме умот кон можноста и изобилието. Важно е, сепак, да се разбере дека само зборовите не се доволни – тие имаат најголема сила кога се проследени со конкретни чекори и упорност.
Изборот меѓу „ќе“ и „сега“ е всушност избор меѓу одложување и акција, меѓу замисла и реалност. Ако постојано одбираме „ќе“, ќе останеме само со желби. Ако почнеме да го избираме „сега“, тогаш полека ќе почнеме да ги претвораме желбите во дела.
Луѓето што често избираат „ќе“ најчесто чекаат совршен момент, се плашат од грешки или мислат дека имаат бесконечно време. Тие знаат што сакаат, но одложуваат, надевајќи се дека еден ден ќе бидат „подготвени“. Од друга страна, луѓето што избираат „сега“ не се нужно бестрашни – туку подготвени да делуваат и покрај стравот. Тие разбираат дека совршен момент не постои и дека секој мал чекор денес вреди повеќе од голем план утре.
Затоа, прашањето не е дали имаме време, туку дали сме подготвени да делуваме.
И, што ќе одберете – „ќе“ или „сега“?
Биљана Страмшак

