Ако денес ме сретне моето помладо Јас
Ако денес ме сретне девојката што некогаш бев, сигурно нема да ме праша колку години имам, колку пари сум заработила или колку луѓе ме познаваат. Ќе ме погледне право во очи и ќе ми постави едно единствено прашање: „Дали остана тоа што ветуваше дека ќе бидеш?“ И можеби токму тогаш ќе настане најтешката тишина. Затоа што животот не нè крши одеднаш. Тој тивко нè обликува. Ни одзема дел по дел од наивноста, довербата и соништата. Нè учи да молчиме таму каде што некогаш сме викале. Нè учи да се смееме додека душата плаче. И еден ден сфаќаме дека сме станале силни, но не знаеме кога престанавме да бидеме слободни.
Помладата јас веруваше дека светот е место полно со чуда. Денешната јас знае дека светот е огледало. Секој во него го гледа она што го носи во себе. Ако во срцето носиш светлина, ќе најдеш пат дури и во темнината. Ако во срцето носиш страв, ќе се изгубиш дури и на најосветлениот пат. Би ѝ признала дека сум згрешила многупати. Дека сум плачела за луѓе што не ме заслужувале. Дека сум се борела за битки што никогаш не биле мои. Дека понекогаш сум се откажувала од себе за да не ги разочарам другите. Но би ѝ кажала и нешто што никој не ми го кажа навреме: Најопасно е кога ќе се изгубиш себеси обидувајќи се да бидеш сè за сите.
Годините ме научија дека не боли предавството од другите толку колку предавството кон самата себе. Не боли кога некој ќе си замине. Боли кога поради некого ќе се оттурнеш од сопствената душа. Денес знам дека најголемата победа не е да ги победиш луѓето што стојат против тебе. Најголемата победа е да ја победиш жената во себе што се плаши, што се сомнева и што мисли дека не вреди доволно. Ако помладата јас ме праша што е мудроста, ќе ѝ одговорам: Мудроста е кога ќе разбереш дека времето е поскапо од парите, мирот поскап од гордоста, а чистата совест повредна од секоја победа. Ако ме праша што е животот, ќе ѝ кажам: Животот не е трка. Не е натпревар. Не е докажување. Животот е патување кон самата себе.
И колку подалеку одиш, толку повеќе сфаќаш дека сè што си барала во светот отсекогаш постоело длабоко во тебе. А потоа ќе ја прегрнам таа мала девојка што сè уште живее во мене и ќе ѝ шепнам: „Чувај ја својата душа повеќе отколку своите соништа. Затоа што изгубените соништа можат повторно да се родат, но изгубената душа долго талка пред да го најде патот назад“.
Автор: Азра

