Модерноста како данок
Колку и да се трудам да се сетам кога последен пат сум видел насмеан човек, меморијата ме издава. Без разлика дали сум во просторија полна со луѓе или станува збор за обично разминување, „смешковци” веќе нема. Изгледа дека таквите одамна станаа изумрен вид. Што би рекол легендарниот Милан Гутовиќ: „тачно се сеќам, да се не сеќам”. Порано не беше така. Многупати наидував на луѓе кои, иако сами, нескриено се смееја поради некоја, во тој момент само ним, позната ситуација. Таквите искрени емоции често беа дури и заразни и сите што се разминуваа, исто така почнуваа да се смеат. Како тие, така и јас. На другите отстрана бездруго им изгледавме како напрасно спобудалени.
Но, повикувано или не, дојде новото време, носејќи со себе нов амбиент и нови манири. Со или без причина, сега бесно гестикулираме со рацете, се караме или пцуеме некого под мустаќи, бидејќи сите ни се виновни. Очекуваме секој што ќе наиде да ни се тргне од патот зашто, нели, сила Бога не моли… Лично, бев длабоко уверен дека сум високо над таквата шема се до пред некој ден, кога еден пријател ме праша: „а зошто си ти толку намуртен и нерасположен. Да не си разочаран нешто”? Туше. Зар и јас? Кај ли ми е чивтето да си пресудам?
Општа е констатацијата дека ваквата, никако нагла, тектонска промена во расположението и однесувањето, е последица на слабиот стандард. Сепак, што е со фактот дека идентични искуства масовно се регистрираат дури и во земјите означени како оази на среќата. Кај нив стандардот сигурно не е причината а можеби е во прашање влијанието од глобалните мрежи.
Мој личен став е дека „модерноста” е таа што ни го зеде данокот, се чини засекогаш. Ретко кој ја има привилегијата да биде дел од професијата што ја сака или некогаш ја посакувал. Деновите ги минуваме зачмаени, без ниту еден момент да се посветиме на оние, макар и најситни, задоволста што не прават среќни. Нас, но и нашите најблиски. Емулирајќи божем живот, често немаме ниту ронка енергија, ниту храброст, да промениме нешто во тој поглед. Сме станале премногу колебливи, рамнодушни и свилени, околу она „кол ту екшн“. Вејќи на ветрот, без експозиција.
Несвесни сме за фактот дека, порано или подоцна и сакале или не, ќе дојде денот кога ќе мора да се свртиме кон преживеаното и да направиме ретроспектива. Длабоко сум уверен дека тогаш, иако предоцна, многу поважни ќе ни бидат работите што сме сакале и можеле да ги направиме и што би ни донеле среќа а сме ги одложиле за некои подобри времиња. Отколку што ќе ни бидат значајни нештата кои успешно сме ги завршиле, но биле третирани како (само)наметнати задачи што не носат насмевки на лицето.
Под итно и без никакво одложување, ни треба фасета и во принцип, револуција – живот со полни плуќа.
З.Ц.

