Постојаната претпазливост е неопходна за самоспознанието
„За да се познаваме себеси, мора внимателно да ги набљудуваме своето срце и својот живот“
Овој текст претставува избор од делото „Спознај се себе си: расправа за самоспознанието“ (Self-Knowledge: A Treatise, 1745) од Џон Мејсон
Избор и превод: Кирил Барбареев
Доколку вистински сакаме да се запознаеме себе си, мора внимателно да го набљудуваме сопственото срце – нашата природа, склоности, страсти и внатрешни побуди. Тешко дека постои подобар совет од оној што ни го остава Соломон: „А над сè чувај го своето срце, затоа што животот извира од него“.
Секој ден. Што и да занемариме или предвидиме, нека не биде тоа нашето срце. Да се грижиме за него со будност и внимание. Да ги следиме неговите склоности и одбивности, неговите движења и чувства, како и околностите што го вознемируваат, го возбудуваат или го наведуваат кон одредени постапки.
Овој принцип е поткрепен и со пораките на Светото писмо.
Првата порака нè потсетува дека срцето е „изворот на животот“. Какво е срцето, таков е и тонот на нашиот живот и однесување. Каков е изворот, такви се и тековите. Каков е коренот, такви се и плодовите.
Втората опомена гласи: „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ. Кој може да проникне во него?.“
Затоа, ако постојано не бдееме над него, лесно може да станеме жртви на опасна самоизмама. Без внимателно набљудување на сопственото срце, никогаш нема да достигнеме вистинско самоспознание, ниту ќе развиеме самоконтрола.
Но, за да се запознаеме себеси, не е доволно да го набљудуваме само внатрешниот свет. Потребно е да внимаваме и на сопствениот живот и однесување. Токму преку нашите постапки срцето станува видливо, бидејќи делата често го откриваат она што мислите и чувствата го сокриваат. Како што се вели во Евангелието според Матеј: „Добро дрво не може да раѓа лоши плодови, ниту лошо дрво може да раѓа добри плодови.“
Пред да се препуштиме на некој нагон или да направиме каков било чекор, потребно е да ја разгледаме неговата природа и неговите последици. Треба да се запрашаме: Како би изгледала оваа постапка во очите на непристрасен набљудувач? Дали би можеле мирно да ја оправдаме пред сопствената совест?
Често сме подготвени внимателно да го анализираме и оценуваме однесувањето на другите луѓе. Но, мудриот човек е подеднакво строг и искрен кон самиот себе. На крајот, ние сме многу повеќе одговорни за сопственото однесување отколку за постапките на другите. Не сме повикани да даваме сметка за нивните избори, туку за своите.
Ако внимателно го набљудуваме однесувањето на другите, ќе научиме нешто за нив. Но, ако со истата искреност и будност го набљудуваме сопствениот живот, не можеме да не се запознаеме себеси.
Затоа што, самопознанието не е еднократно откритие, туку постојана вежба на будност, искреност и храброст да ја видиме вистината за себе – онаква каква што навистина е.

