Постои ли начин за доаѓање до доволно пари а и за имање слободно време?

Ме израдува анкетата.

Убаво е повремено да застанеме и да видиме како стојат работите.

Што имаме, што ни фали а сакаме да го имаме?

Тоа е добра точка. Рефлексија и согледување.

Ама е важно да не остане на тоа.

Но, да почнеме од почеток.

Резултатите се интересни.

На 30 % им недостасува време за слободни активности.

На 27 % им фалат пари и материјални вредности.

А 13%  немаат слобода за живеење.

Може 30% да ги собереме со 13%, бидејќи се слични. Едното е слободно време, другото е слобода на живеење. Така, доаѓаме дека на 43% им фали слободно време и време за слободни активности. На 27% им фалат пари и материјални вредности.

Првичниот поедноставен заклучок може да покаже дека на тие на кои не им фалат пари, работат премногу и им фали слободно време. А тие кои имаат слободно време им фалат пари, бидејќи не заработуваат доволно. Интересно прашање за размислување е: дали постои начин да работиш професија, работно место или бизнис кој ќе ти носи доволно пари а сепак ќе имаш доволно слободно време?

Знам дека првичниот одговор ќе биде дека кај нас во Македонија тоа не е возможно, но јас би ги поканил луѓето да размислат и да видат дали можеби има простор за некаква промена?

Клучно што треба да се сфати е дека за да бидеме во позиција да побараме повеќе – мора да испорачаме повеќе вредност. Општата работа најмалку се плаќа бидејќи е лесно заменлива. Клучно е да се профилираме во професионалци кои испорачуваат работа што нема да може друг да ја направи на ист начин и квалитет како нас.

Исто интересен момент е и дефинирање на тоа што е доволно. За жал, живееме во време во кое сме бомбардирани со слики и информации кои покажуваат дека другите живеат поубаво од нас. Ете биле во Шпанија, ете си купиле нова кола, еве цело време се дотерани и насмеани, ете биле во луксузен ресторан. Споредувањето често е главната причина за незадоволство и несреќа. Само сетете се дека нашите родители оделе на летување во одморалиште во Дојран, Преспа или на не толку атрактивни места ама биле среќни. Возеле Југо или „Стоќец“ ама биле задоволни, бидејќи пред очи секој ден не им се вртеле слики за тоа дека некој оди на одмор во Моноко и вози џип. Менаџирање на споредувањата со другите е еден од начините да се заштитиме од незадоволство и чувство дека не е доволно и нешто ни недостасува.

Дополнително што недостасува кај овие 43% е податокот од нивниот мобилен телефон, колку време поминуваат на скролање и пасивно гледање на содржини од социјални медиуми. Ако таа бројка е висока и ако тие трошат многу време на телефон, тоа значи дека имаат слободно време кое го трошат на погрешно место. За жал, поради недоволно вештини за активно менаџирање на стресот, денес луѓето ги користат телефоните како механизам за дефокус. Ако порано се користеа турските серии, денес се користат социјалните медиуми. Пасивно скролање и гледање на кратки рилс видеа кои „не опуштаат“ а во во суштина само не дефокусираат и „умртуваат“. Наместо тоа јас охрабрувам поактивен начин за справување со стресот и помудро користење на слободното време. Конкретно, се обидувам барем двапати неделно да трчам или пешачам на кеј. Во исто време на телефон слушам музика или слушам поткаст. Така успевам, во исто време, да имам физичка активност и уживање (со музиката) или едукација (со поткаст).

Интересен податок за подобра анализа би бил и полот на испитаниците. Да се види дали се мажи или жени. Бидејќи недостатокот на време кај овие две групи е различен. Обично жените немаат време, бидејќи објективно 99% од обврските за семејството и децата се на нив. За ние е важно да се освести дека ако тоа не е договорено и свесно прифатено, треба да се отвори како тема во семејството. За жал од стари времиња останало (кога мажите работеле на поле а жените се грижеле за домот), целата грижа за домот и децата да е на жените. Но сега жените не се домаќинки. Тие исто одат 8 часа на работа и носат финансии. Затоа е важно домашните обврски исто договорно да се распределат. Тоа не води до интересен заклучок дека менаџментот на време секогаш е поврзан со способност да се комуницира асертивно и да се отвараат и решаваат конфликти и ситуации со различни мислења. Посебно во ситуации кога сме во релација во која имаме споделени обврски со друг (брак, работен ангажман и слично).

За крај, она што е важно е да се нагласи дека % ја покажуваат моменталната ситуација. Важно е да не се помириме со неа. Наместо тоа да се обидуваме активно да бараме начин да ја промениме. Тие на кои им фалат пари да најдат начин чесно да ги заработат. Тие на кои им фали слободно време да најдат начин да ослободат време за тоа. Тука лежи развојот и себепредизвикувањето. Ќе треба да пробуваме начини се додека не успееме. Наместо да седиме во нема (пари или време), ќе бидеме активни и ќе бараме начин да има тоа што ни фали. Така ќе се развиваме и ќе дојдеме до посакуваниот баланс.

Проф. д-р Лазар Ѓуров, главен консултант во www.simbiotika.mk , експерт за менаџмент на време и човек кој им помага на индивидуите и организациите да учат и се развиваат, за да дојдат што поблиску до тоа да бидат и успешни и среќни!

Слични Написи