Свеста за лажното знаење што го носиме во себе е првиот чекор кон самоспознание

Ако сакаш да се познаеш себеси, внимавај и чувај се од лажното знаење.“

Бидете сигурни дека „Светлината во вас не е темнина“, дека принципите што ве водат низ животот се вистинити, а не привидни. Испитајте ја содржината на својот ум и запрашајте се не само што треба да научите, туку и од кои заблуди, предрасуди и погрешни уверувања треба да се ослободите. Зашто понекогаш има иста мудрост во отфрлањето на одредено знаење како и во стекнувањето ново.

Можеби токму тоа го имал на ум Темистокле кога, на понудата да ја научи уметноста на помнењето, одговорил: „Повеќе би сакал да ја научам уметноста на заборавањето.“ Академик кој целиот свој живот собира книги, на крајот открива дека во неговата библиотека има многу што некогаш му изгледало драгоцено, а денес му изгледа како товар. Како што созрева вкусот и се продлабочува расудувањето, тој почнува да ги отстранува непотребните книги — дури и оние што ги ценел и скапо ги плаќал — за да им отстапи место на поискрено и покорисно читање.

Така треба да постапуваме и со сопствените уверувања: да ја проверуваме содржината на умот, да ја одделуваме пченицата од плевата, бидејќи најчесто ги примаме заедно. Потребно е да вложуваме еднаков напор и во заборавањето на она што не требало да го научиме, и во зачувувањето на она што не смееме да го заборавиме.

Човек што цел живот ги прелистува само првите страници од книгата на сопствениот ум останува заробен во младешка самоувереност. Тој се потпира на почетничкото знаење — а токму тоа често е најповршниот дел од знаењето — и така го спречува раѓањето на подлабоко разбирање и на вистинското самоспознание.

Затоа, ако сакаме навистина да го продлабочиме сознанието за себеси, мора со иста грижа да внимаваме и на книгите што ги читаме и на општеството во кое живееме.

Концентрацијата што ја посветуваме на уметноста и на книгите за теми без животна примена нè претвора во зафатени мрзливци. Знаењето кон кое се стремам, пишува Монтењ, „не се однесува на ништо друго освен на самоспознанието — зашто токму тоа знаење ме учи како правилно да живеам и како достоинствено да умрам.“

Кога внимателно ќе ја разгледаме содржината на сопствениот ум, откриваме дека има многу нешта за кои сме верувале дека ги знаеме, а всушност не ги знаеме. Има и многу нешта што навистина ги знаеме, но би било подобро никогаш да не сме ги прифатиле. Голем дел од знаењето што го собираме во текот на животот е дезинформација, а дел од него е уште поопасен — привид на вистина што нè оддалечува од вистинското разбирање.

Ова сознание може да биде непријатно, но токму во него се крие почетокот на мудроста. Свесноста за сопственото лажно знаење не е знак на слабост, туку доказ дека сме подготвени да тргнеме по потешкиот, но поискрениот пат — патот кон вистинското самопознание.

Избор и превод: Кирил Барбареев

Слични Написи