И Љубовта и Цветот созреваат низ исти фази

Долго време размислував зошто луѓето, од памтивека, ги споредуваат Љубовта и Цветот. Не успевав да ја најдам алегоријата на поврзаност, иако потсвесно знаев дека без љубов нема цвет или дека љубовта секогаш цвета. Едно вечер ми „светна“. Во еден миг, во еден дијалог, освестив дека и Љубовта и Цветот созреваат или се „раѓаат“ минувајќи низ овие три фази.

Првата фаза е темел или корен, втората ја нареков бедем или стебло и третата фаза е убавина или плод.

Во првата „темел“ фаза, љубовта, односно цветот, се невидливи. Тие созреваат невидливо, во „земјата“ како корен, како темел, на нешто што ќе дава плодови. Тука се испреплетуваат емоциите на две личности, се врзуваат две различности, две реалности, две Суштества. Тоа, најчесто, е невидливо и оваа алхемија се случува со одобрување и прифаќање на личностите кои настојуваат да ја доживеат убавината преку љубовта. Токму и само оваа фаза е имуна на надворешни влијанија и разноразни обиди за уривање.

Фазата бедем, всушност, може да се спореди со стеблото на цветот. Навидум едноставното сиво стебло не ја покажува моќта на љубовта, но тоа претставува база во која се создаваат предуслови да созрее љубовта. Низ овој бедем „течат жилите на љубовта“. Кората на стеблото, исто така, се труди да ја заштити љубовта од надворешни фактори на влијанија. Тие овозможуваат двете реалности да трансцендираат во нова форма на убавина, односно да создадат видлив плод на љубовта.

Третата фаза е убавината. Во оваа фаза се гледаат плодовите на успешната љубов. Онаа што почнала невидливо, скришно, некаде меѓу четири ѕида или во „длабочината на земјата“. Онаа љубов која земала замав и расте низ стеблото и ги дава плодовите на алхемијата. Дали и какви плодови ќе даде љубовта зависи од силината на „вложената“ енергија во првите две фази. Колку повеќе љубов – толку повеќе цветовите ќе бидат заштитени од влијанија.

Затоа, „наводнувајте“ ја љубовта за да тече, „штитете“ ја за да опстане, „хранете“ ја за да созрее, дајте и време да се втемели / вкорени, да создаде доволно моќно стебло / бедем и на крајот, да ги покаже созреаните плодови.

И секако, љубовта е убава. Затоа што не е можно да има љубов без да има убавина. Тие секогаш се во корелација, секогаш се една крај друг и не можат една без друга. Затоа што не сум слушнал дека има љубов без убавина, односно таму каде што не е убаво не може да постои љубов.

Т. С.

Слични Написи