Филозофија на тивкиот ментор
Филозофијата на тивкиот ментор претставува едукативен и етички пристап во медицината според кој починатото лице кое го донирало своето тело не се смета само за кадавер или анатомски материјал, туку за учител кој продолжува да ги едуцира лекарите и по својата смрт. Концептот е особено поврзан со програмите за медицинска едукација во Тајван и во други делови од Азија, каде што донорите на тела се нарекуваат „Тивки ментори“ (Silent Mentors).
Централната идеја е: Починатиот подучува без да зборува. Телото станува последен придонес на човекот кон општеството. Студентите и лекарите учат анатомија, хируршки техники и почитување на човечкиот живот благодарение на лице кое доброволно дозволило неговото тело да биде употребено за медицинска едукација.
Во основата на оваа филозофија се наоѓаат неколку принципи:
1. Почитување на човечкото достоинство. Смртта не го претвора човекот во предмет. Телото и по смртта задржува човечко, морално и симболичко значење.
2. Благодарност. Студентите треба да бидат свесни дека нивното знаење е стекнато благодарение на последниот дар на друг човек.
3. Скромност. Медицинското знаење се стекнува преку телото на друго човечко суштество. Тоа го спречува чисто техничкиот однос кон починатиот.
4. Алтруизам и во служба на другите. Донирањето на телото претставува последен чин на помагање на идните пациенти преку едукацијата на лекарите.
5. Хуманизација на медицината. Студентите се запознаваат со името, животот и семејството на донорот пред да започнат со едукацијата. Донорот останува личност, а не само „кадавер“.
6. Одговорност кон идните пациенти. Знаењето стекнато од Тивкиот ментор треба на крајот да биде употребено во корист на живите пациенти.
Во традиционалната анатомска едукација понекогаш се вели дека кадаверот е „првиот пациент“ на студентот по медицина. Филозофијата на Тивкиот ментор оди чекор понатаму: Донорот е првиот учител на студентот. Тука се менува односот пациент лекар. За време на животот пациентот добива знаење и лекување од лекарот, а по доброволното донирање на телото донорот му дава знаење на лекарот за идните пациенти имаат корист. Оттука се создава еден вид етички континуитет Тивок ментор, Лекар, Идни пациенти. На тој начин се воспоставува врска меѓу смртта, медицинското образование и зачувување на животот.
Необичен и значаен аспект на програмите „Тивок ментор“ е присуството на церемонии пред и по употребата на телото за едукација. Студентите се запознаваат со семејството на донорот, дознаваат за неговиот живот, учествуваат во церемонија пред дисекцијата, изразуваат благодарност по завршување на курсот да присуствуваат на меморијалната церемонија. Овие постапки не треба да се разберат само како религиозни ритуали. Тие имаат значајна едукативна функција. Тие го потсетуваат лекарот ова бил човечки живот пред да стане анатомска лекција.
Тивкиот ментор се темели на доброволна донација на телото. Донорот се откажува од традиционалната недопирливост на сопственото тело по смртта за да овозможи образование на идни лекари. За студентот, сознанието дека непознат човек донел таква одлука може да создаде чувство на морална задолженост: знаењето повеќе не е нешто што едноставно му припаѓа, туку подарок кој треба да биде оправдан со професионалност.
Тивкиот ментор ја менува перцепцијата на телото: тоа не е „материјал“, туку тело на личност која свесно овозможила образование. Затоа, церемонијата, благодарноста, реконструкцијата на телото и достоинственото испраќање имаат морална функција.
Човекот никогаш не треба да стане само средство. Вистинското усовршување на човекот не се мери само со стекнатото знаење, туку со начинот на кој тоа знаење го преобразува неговиот однос кон другите. Почитта, скромноста и службата добиваат смисла кога стануваат дел од секојдневното постапување.
Тивкиот ментор нè потсетува дека и по завршување на животот човекот може да остави дар од кој ќе произлезат знаење, грижа и надеж за другите. Затоа, најдлабоката благодарност кон Тивкиот ментор е знаењето што ни го подарил да го претвориме во совесна грижа за живите. А највредниот плод на работата врз сопствениот „камен“ е човек кој умее да ја препознае и да ја заштити вредноста на другиот. Токму таму знаењето станува мудрост, почитта станува дело, а човечкиот живот остава трага што го надминува неговото времетраење.
Автор: А. С.

