Кога Човекот ќе заборави дека е Човек
Понекогаш мислам дека најголемата опасност за човештвото не се војните, сиромаштијата или болестите. Најголемата опасност е моментот кога човекот ќе заборави дека пред сè е човек.
Чудно е тоа суштество наречено човек. Створен со душа и срце способно да сака, да сочувствува и да разбере туѓа болка а потоа поминува половина живот обидувајќи се да стане нешто друго. Сака да биде поважен. Побогат. Помоќен. Повисоко од другите. И во таа бескрајна трка кон височините, заборавајќи да погледне надолу и да види кого прегазил по патот.
Најтажно е што злото ретко доаѓа со грдо лице. Тоа доаѓа полека. Почнува кога ќе престанеме да чувствуваме туѓа болка. Кога солзите на другите ќе станат обична вест. Кога страдањето ќе го гледаме како статистика. Кога човекот пред нас ќе престане да биде душа а ќе стане број, корист или пречка.
Тогаш не умира човечноста одеднаш. Таа умира дел по дел. Прво, исчезнува сочувството. Потоа разбирањето. Потоа добрината. На крај, останува само празна школка која личи на човек, зборува како човек, оди како човек а одамна престанала да чувствува како човек.
Психологијата вели дека човекот може да се навикне на сè. Но, токму во тоа се крие најголемата опасност. Можеме да се навикнеме на неправда. На суровост. На понижување. На туѓа несреќа. Можеме толку долго да живееме покрај темнината што ќе почнеме да ја сметаме за нормална. А кога злото ќе стане нормално, добрината почнува да изгледа како слабост.
Но, мудроста не е во тоа да бидеш посилен од другите. Мудроста е да останеш добар во свет што те учи да бидеш суров. Филозофите со векови барале смисла на животот. Некои ја барале во знаењето. Некои во верата. Некои во успехот. Но можеби одговорот бил пред нас цело време.
Можеби смислата на животот не е колку сме освоиле. Туку колку сме зачувале од својата душа. Зашто човекот не се вреднува според куќата што ја изградил, туку според срцата што не ги урнал. Не според богатството што го собрал, туку според болката што не ја предизвикал. Не според моќта што ја имал. Туку според добрината што ја оставил зад себе.
И кога еден ден ќе заминеме од овој свет, никој нема да праша колку следбеници сме имале, колку пари сме заработиле или колку луѓе ни аплаудирале. Ќе остане само едно прашање: Дали останавме луѓе додека живеевме меѓу луѓето?
Зашто најголемиот пад не е кога човекот ќе изгуби сè што има. Најголемиот пад е кога ќе ја изгуби способноста да чувствува. А најголемата победа не е да го освоиш светот. Туку да не дозволиш светот да ти ја одземе душата.
Автор: Азра

