Од дневникот на В. Р.
Не знам дали белиов лист е само уште еден крик, очаен обид Универзумот да увиди дека слабо го владеам овој танц на кој случајно бев поканета … (бидејќи ме збунува фактот што не постојат случајности)… И колку повеќе се продлабочувам и ги анализирам „потезите“ на останатите учесници, толку повеќе сфаќам дека јас не ја познавам оваа игра … А токму помислив дека е време и јас гордо да се втурнам и заиграм на ваква прекраснотија од мелодија која, на прв поглед, беше толку примамлива… оти кога ја слушнав на мојот дисплеј доживеав déjà vu од кое ми застана здивот и бев сигурна дека конечно на прагот на моите 40-ти, ќе издвојам победа …. И во моменти на бунт кога соиграчите околу мене намерно или несвесно почнаа да ме газат, кренав раце но, за среќа само моментално. Мојот дух иако видно поразен не сакаше овој пат толку лесно да ја предаде титулата на некој друг, не би било фер да го отстапиш местото без борба, не би доликувало на мојата врела борбена крв.
И секогаш си велам ова е мојот последен обид, со лазење се враќам на истата позиција, но не можам или не сакам да се откажам… зарем досегашното искуство не ме научи кога е време да сменам правец, зарем не е време да бидам дел од толпата која гордо ракоплеска на својата изведба. Па не сум јас единствената личност на овој свет која доживеала 101 пораз … Сиве овие прашања делуваа како катализатор. И повторно, паднав и станав … и увидов дека не боли падот колку што урива лутината која, во тие моменти, ја чувствувам кон себе …
Додека си ги гледам измачените нозе и дланки и сфаќам дека имам се што ми е потребно и без овој танц и без овој натпревар, доживеав катарза и сфатив дека мојот бес не се должи на многубројните порази, туку на мојата неблагодарност за се што поседувам. За моментите кога немам сила стоички да се понесам со изгубените битки и да наместам фиктивна насмевка барем за почеток и за тие што ме сакаат со или без медаља… Си ветив дека сепак, моите прашања нема да останат само реторички. Со нотите кои ми се на располагање ќе продолжам да трагам по моите посакувани одговори. Ти должам … ми должиш … да, на тебе Универзумe лично ти се обраќам … 🙂

