Смислата на времето
Поводот за оваа новогодишна честитка доаѓа од коментар на момче кое штотуку наполни 18 години и низ личен пример покажа дека годините не секогаш носат зрелост, а младоста не е секогаш исполнета со животна наивност. Токму тоа момче ја има таа непријатна, не толку зачестена интуиција да ја препознае смислата на „сериозниот“ свет на возрасните, која, повеќе или помалку вешто, се обидуваме да ја прикриваме со рутинизирани навики и рационализации.
Едно саботно претпладне, во годинава која одминува, на кафе-муабет, јас, момчето и неговиот татко чекаме заеднички пријател кој доцни затоа што „непланирано се пролонгирало нешто на работа“. Ништо спектакуларно, ништо што не отстапува од нормалнот – но токму затоа доволно симптоматично. Но не за мене, не за мојот пријател, туку за неговиот син. И во тој миг момчето, учтиво, во две реченици ја постави дијагнозата на нашето општество:
„Не ми е јасно како овде, во Македонија, сè се работи – викенди, саботи, недели – а општеството не мрднува напред. Погледни ја Швајцарија, никој не работи сабота и недела, а каде се?“
Ова е согледување што ја разголува нашата интелектуална, системска и општествена зачмаеност.
Може да се претпостави што ќе каже „разумниот“ контра-аргумент: дека „Швајцарија е богата, може да си го дозволи тоа“. Но токму овде е нашата самоизмама – немаме развиена навика да ја препознаваме разликата меѓу последицата и причината. Многу често ги мешаме работите, односно со последицата се занимаваме како со причина. Швајцарија не е „таму“ затоа што не работи за викенд, туку напротив: Швајцарија не работи за викенд затоа што е „таму“.
А што значи „таму“? Значи продуктивност, доверба, предвидливост, институции што функционираат без да ти го јадат животот. Значи систем во кој трудот има смисла затоа што резултира со подобар и поквалитетен живот, а не со уште една „обврска“. Значи инклузивен општествен договор во кој времето е вредност, а не казна. А кај нас, времето е најевтината суровина: се троши, се краде, се распарчува, се претвора во „итност“, а на крајот не се знае што точно е создадено.
Триесет и четири години општеството ни е потопено во трајна зафатеност на институционално брзање, системско трчање, состаноци, комисии, стратегии, реформи, мерки, акциски планови, усогласувања, проекти… вредна земја! Силен впечаток на општествена сериозност и системски погон кој, во налетот, никој не може да го застане.
А резултатот?
Резултатот е тоа што едно 18-годишно момче, во оваа „разработена“ земја, не ја препознава смислата на својата иднина, не препознава мотив да остане, да студира, да се образува… не гледа животен хоризонт, не препознава смисла во балканскиот провинцијализам кој егзистира надвор од цивилизацискиот ритам.
Отсуството на општествен сензибилитет за смислата на времето нè мотивира постојано да нормализираме она што го работиме погрешно, работата прерасна во алиби за нефункционалност. Односно, констатацијата „да немаш време“ е оправдување што нè ослободува од тежината на прашањето: што точно создаваш?
Овде постои нијанса од која нашата општествена динамика постојано се оддалечува – се плаши да ја артикулира – затоа што таа порачува дека не секоја активност значи развој, дека движењето не секогаш води кон напредок. Изградивме и репродуцираме вредносна култура на присутност, а не на резултати, односно формалноста е таа што нè импресионира и маѓепсува.
И затоа, ако воопшто треба нешто да честитаме, тоа не е почеток на нова календарска година, туку една – штотуку полнолетна – надеж дека ќе ја научиме една од најтешките лекции: општеството нужно не зрее само затоа што одминуваат годините, туку тогаш кога ќе се промени мерката по која се мери успехот.
Во 2026 година да си ја пронајдеме смислата на времето.
31.12.2025
Стојанче Манев

