Како заборавив да одам!!!
Деновиве, седам во својата удобна фотелја и како гром од ведро небо, низ умот ми пролета една суштинска мисла како на свои 40-тина години “заборавив да одам“.
Решението на оваа дилема ме врати најмалку три децении во минатото. Таму некаде кога трчав по нивите во светиниколскиот атар за да стигнам секаде. Да однесам вода на козите или да ги преместам на ново пасиште, да го чувам лозјето од „злите“ птици кои го колваа зрното, да внимавам некој, случаен или намерен, лик да не краде од родот и се друго што може да замислите. Без разлика дали температурата беше над 40-тиот степен или врнеше како некој да истураше вода од кофа. Активностите беа, речиси исти и мораа да се завршат. Тогаш, секој следен чекор Ви тежеше на душата и создаваше лузни кои другите околу Вас не можеа да ги видат. Не затоа што не сакаа, туку затоа што немаа време во потрагата по парче леб.
Е, токму при вршењето на овие активности, кога детскиот лик Ви натежнува од мислите за подобро утре, навистина се просветлувате. Прво, се проколнувате што сте се родиле, буквално, на нива. Потоа, се прашувате „зошто јас“ кога знаете дека многу други ваши врсници не излегуваат од вода и уживаат во морската шир. Трето, и кога барате другар од вашето соседство да ви прави друштво во работата на нивата, тешко кога некој ќе се нафатеше. Четврто, мечтаете и барате „решение“ како едниот да го замените со подобриот живот.
Сигурен сум дека и сега, кога ги пишувам овие редови, некој/а го живее истиот живот на ликот од првите редови.
Времето минуваше. Јас го најдов лекот, барем досега, како да се излезе од калта. Одлучив и се уште се движам по тој пат. За мене лекот беше УЧЕЊЕТО. Учење базирано на моделирани формати, не на фактографија (за оваа тема, во друга прилика). Одлучив дека преку книгата ќе дојдам до Белиот свет.
Три децении подоцна, веќе сум во Белиот свет (само доколку го компарирате со светот на ликот кој го помина детството на нива). Веќе не сум на удар на топлото време, не чувам животни, не работам земјоделски активности и апропо на ова, немам што да чувам од намерните лопови.
Седам во удобната фотелја и повторно се борам со новите мисли и дилеми. Овој пат, како удобната фотелја и секојдневното дружење со учењето, полека да го заменам со движење. Затоа што заборавив како да одам. На работа, на дружба, на служба – се со возило. Го бирам времето кога да одам до продавница – затоа што не морам во најтоплиот дел од пеколниот ден. Релаксирање – со велосипед. Одење до ресторан или кафе бар – секако, паркирам најблиску што може до столчето на кое треба да седам. Движење – да, само со очите кога ги гледам минувачите пред мојот двор кои неуморно одат на Кејот на Вардар за да ги протегнат нозете.
Во многумина од нив го препознавам детето во мене и си велам „еден ден и Вие ќе учите како се оди повторно“. И така сега, некаде длабоко во душата, ја барам онаа мотивациска мисла која ќе ме „принуди“ да го направам новиот чекор кон подобро утре. Мисла дека секој следен чекор нема да ми тежи на Душата и нема да прави лузни на мислата. Напротив, ќе доведе до подобро здравје и подобро утре.

