Каде сте, Пријатели?!
Долго го набљудував својот одраз во огледалото. Се чувствував изневерено и разочарано. Купиштата временски единици што ги нарекуваме години оставиле длабоки бразди на лицето. И наеднаш, како камен ми натежна душата. Почнав да роварам низ потсвеста прашувајќи се како е можно свенатиот физикус, својствен за овој период од животот, толку да ме погоди. Но, по кусо преиспитување, сфатив дека сепак не биле знаците на возраста тие што толку ме копкаа. Нешто друго ме притисна. Нешто од дамнината. Од младоста.
Продолжив да си ја преиспитувам меморијата, свесен дека работава не можам да ја оставам во стенд-бај позиција. За среќа, не чекав долго до просветлувањето и како гром да ме удри во градите – МИ НЕДОСТАСУВАА ПРИЈАТЕЛИТЕ, беше толку очигледниот одговор на моето прашање. Ми недостасуваа оние вистински другари, кои тоа веќе не се. Се разбира дека, се уште, имам пријатели, но тие овој пат не беа предмет на мојава самоопсервација. Исто како што не беа ниту оние „од интерес”, во функција на „рака, раката ја мие” (не лутете ми се, сепак живееме на Балканот).
Почнав да се присетувам на оние бројни случки и авантури, радосни и весели, кои беа дел од нашето тогашно секојдневие. Од нашата младост. Но и на оние далеку понепријатни моменти, кои, проживеани и надминати во заедништво, само го зацврстуваа нашето пријателство. Барем така се чинеше тогаш. Каде ли само исчезна сето тоа?
Некој ќе рече „било-поминало”, „младост-лудост”. Но, нешто не сум убеден дека тоа би било најисправното стојалиште. Напротив, сигурен сум дека животот ќе беше далеку подобар и посодржаен овие пријатели да продолжеа да бидат дел од мојата орбита. Проблемите немаше да изгледаат толку нерешливи. Бројните семејни одбележувања ќе беа далеку побогати и повесели…
Но, повторно, каде ли само работите тргнаа на (по)лошо? И што е уште поважно, кој од нас го запали фитилот на раздорот. Веројатно вината повеќе или помалку е (с)поделена, што би се рекло „фифти-фифти, „барабар-барабар”, „башка-башка”. Но, за да бидам искрен и самокритичен до крај – јас бев „пироманот” во повеќето случаи. За воља на вистината и во зависност од околностите, сум требал нешто да премолчам наместо да коментирам. Да пуштам работите да одат по друг пат а не да се обидувам да исправам „криви Дрини”. Да бидам потолерантен, потрпелив, сочувствителен… Како вистински христијанин веројатно да го свртам и другиот образ. Да пружам повеќе поддршка, напор, љубов… Меѓутоа, сосема спротивно и за жал, не го правев тоа што требаше или го правев она што не беше пожелно. Барем така ми изгледа сега, по повеќедецениската временска дистанца. Нема враќање назад. Егото и самобендисаноста се грди работи, од која страна и да доаѓаат.
Сите сме сега семејни луѓе и тешко дека животните патишта повторно ќе ни се соединат. Нам и најверојатно на нашите потомци, кој знае. Во секој случај, нема катарза без сознанието дека грешките не треба и не смеат да се повторуваат. На полесен или потежок начин, секоја школа се учи.
З. Ц.

