Самоспознанието го подобрува расудувањето

Друга голема предност на доброто познавање на себеси е тоа што помага да формираме подобра проценка за другите работи.“

Самоспознанието не ги зголемува нашите природни капацитети, туку ги насочува и регулира, овозможувајќи правилно да ги користиме и да ги отстраниме многуте пречки со кои се соочуваме при дејствување, како што се гордоста, предрасудите и страстите. Тие често безмилосно влијаат врз нашите рационални способности. Затоа, оној кој има непристрасно и реално мислење за себе е подобро способен правилно да суди за другите работи.

Избор и превод: Кирил Барбареев

1. Подобро разбирање на луѓето и човечкото искуство

Човечката природа и покрај разликите во индивидуалниот интелект и степенот на образование или која било припадност, во својата суштина е иста кај сите луѓе. Сите сме водени од исти страсти и потреби, природни склоности и слабости, иако тие се изразуваат со различен интензитет кај секој поединец.

Затоа, оној што добро се познава себеси — своите слабости, склоности и ограничувања — може полесно да ги препознае истите или сличните особини кај другите. Ова му овозможува да формира пореална и пообјективна слика за луѓето, отколку ако ги оценува само според нивната надворешна појава или според популарното мислење и предрасуди.

2. Подобра проценка на фактите и реалноста

Самоспознанието овозможува да донесуваме правилни проценки не само за луѓето, туку и за фактите и ситуациите. Тоа ги прикажува работите во нивната вистинска светлина, без искривувањата што ги создаваат имагинацијата и фантазијата. Така, нè учи да не судиме врз основа на привид, туку врз основа на разбирање. Воедно, нè предупредува на влијанието на имагинацијата, која често ги искривува работите и создава погрешни впечатoци.

3. Правилна проценка на материјалните и световните добра

Самоспознанието помага правилно да ја процениме вредноста на материјалните и световните добра, намалувајќи ја нивната преценетост. Кога човек се познава себеси и ги разбира своите вистински потреби и интереси, тој може да согледа до кој степен овие добра се навистина неопходни, а до кој степен се илузорни, измамливи или дури штетни.

Во таков случај, тој се води од разум и реално разбирање, а не од општите ставови и очекувања на општеството. На тој начин може да ја согледа нивната вистинска природа, суштина и граници на нивната вредност.

Луѓето често придаваат преголемо значење на материјалните добра затоа што ги набљудуваат површно и се фокусираат на нивната надворешна привлечност. Но кога тие ќе се анализираат подлабоко, станува јасно дека нивната вредност е ограничена. Човек кој научил да навлезе во сопствената внатрешна природа, полесно може да ја разбере и вистинската природа на светот околу себе.

Слични Написи