Приказна за непотребната грижа и плановите

Минував низ паркот каде што шетав пред дваесетина години. Секако, додека под нозете „лелекаа“ жолтите лисја, ми се враќаа спомените од детските замрзнати стапала, забележав едно дете. Осамено, загрижено и стуткано на клупата под големиот бор. Замислено. Полно во планови. Есенското сонце го осветлуваше неговото лице, но тоа како да беше во „мрак“.
Секако, како што доликува, го прашав: „Мало и мило дете, како можам да помогнам. Не е убаво да бидеш загрижено на оваа возраст. Што сакаш да ти купам за да те направам посреќно?“.
„Не може да ми помогнете со ништо што ќе ми купите. Си правам планови за мојата иднина – што ќе бидам кога ќе пораснам, како да стигнам дотаму, што тогаш луѓето ќе мислат за мене, дали ќе ме забележуваат, дали ќе бидам среќен“? Си велам – изненадувачки, смело, надраснато за годините. Замислено.
Денес, дваесетина години подоцна, повторно го сретнувам тоа „мало дете“ на истата клупа во паркот. Добро облечено и дуздисано, што говори дека има пари. Средена фризура, одржани заби, убава става. Физички се ме потсетува на неговата младост. Но, „облеан“ со неговиот замислен лик. И повторно, моите рафални прашања и љубопитност: „Мало дете, како можам да ти помогнам. Не е убаво да бидеш загрижено. Што сакаш да ти купам за да те направам посреќно?“. „Не може да ми помогнете со ништо што ќе ми купите. Си правам планови за мојата иднина – што ќе бидам кога ќе пораснам, како да стигнам дотаму, што тогаш луѓето ќе мислат за мене, дали ќе ме забележуваат, дали ќе бидам среќен“? Ех, како да се сеќавам на одговорот. Дежаву, би се рекло.
Изненадувачки, извесно време подоцна, на истата клупа, седеше еден дедо. Го совладале староста и мислата. Учтиво му посакав – добар ден. Секако, добив учитиво „добар ден, добар човеку“. Го прашав „што Ве мачи“. Одговори одеднаш „Ништо, млад господине. Си разговарам и размислувам за тоа што планирав за иднината, а што ми донесе денешнината. Колку се разликува патот кој го посакував и тој што го поминав додека посакував“. И да, едноставно сфатив: не планирај за утре, не мисли на вчера. Едноставно: живејте СЕГА и ТУКА.
И така, драги мои, еве седам дома, пијам кафе и размислувам – што да правам СЕГА и ТУКА.
Тодор Стојчевски, доктор на науки по стратешко комуницирање

Слични Написи