Натпревар за духовни вредности
Замислете наместо да се натпреваруваме и бориме во стекнување материјални добра (станови, возила, куќи, јахти, брендирана гардероба, накит) да постои свесност меѓу луѓето за натпревар во стекнување повеќе духовни добра и вредности (добрина, етика, морал, поддршка, помош). Колку СЕ околу нас ќе беше поинаку. Долго време размислувам како да се направи баланс меѓу духовното и материјалното.
Постојат религиозно/духовните водачи кои пропагираат духовност, но од црни мерцедеси и со златни стапови. Токму оние кои живеат согласно поговорката „не ме гледај што правам, слушај ме што ти кажувам“. Нивниот грев е поголем од оној на бизнисмените кои водат бизнис за да заработат материјално добро. Да не се разбереме погрешно – пари и нормален живот се потребни. Но, дилемата е: „колку пари се потребни за нормален живот“? Не навлегувам во дебата и размисли што претставува нормален живот за другите. За мене тоа е баланс меѓу духовното и материјалното.
Минатата недела имав можност да влезам во еден дом каде што, некогаш, живееше мој драг пријател. Се си беше на место – малата масичка, телевизорот, софата во која седеше и читаше, шанкот и пијалаците, како и паркираниот стар класичен автомобил пред влезната капија. Но, за жал – тој веќе не беше Присутен.
Почнав да размислувам – што сега? „Некој“ од семејството ќе го наследи сето ова што тој го создаваше целиот свој живот. Добрата ќе ги поделат неговите наследници и тие ќе се втопат во севкупните фамилијарни материјални добра до непрепознатливост. Сепак, заедно со материјалните добра, наследниците „наследуваат“ и „образ“, „духовна меморија“, „глас од минатото“ поврзани со нивниот животен претходник.
Од друга страна, постојат и личности кои воопшто не успеале да „создадат“ материјални добра. Нивните наследници добиваат „ништо“ материјално. Доколку добијат духовно – позитивни вибрации од минатото дека имале добар родител, сепак ќе се соочат со осудата.
Тодор Стојчевски, доктор на науки по стратешко комуницирање
