Елитата во рикверц
Сосема вообичаено пладне со фенси друштво во „нашето” тренди-монденско кафуле во метрополата ни. Пред влезот стојат паркирани по една „бимота”, “џилера”, “каќива” и две „априлии” (веспите се забранети тука). Иако истовремено зјапаме во кутивчињата во рацете, сите од ред со грицнато јаболко на грбот, јас скришно и под око ги набљудувам и анализирам мемберсите, бидејќи ми е здодевно. Елита сме или што сме?
Десно од мене седи најмладиот интрудер во друштвото, граден како скакулец, со реј-бан очила, „ланвин” кошула од иљадарка „зелени” и најки, небаре е Џони Деп. Во придружба е со неговата фам-фатале, која од оправдани причини ја нарекуваме „прада-девојка”. Убава е, популарна и шик, но ако и чукнете по главата ќе видите дека “светлото е запалено, ама внатре нема никој”.
Од левата страна се перчи најдобрата ми вамп-другарка, компир на чачкалици со кренат нос, самобендисано и самонаречено модно гуру со патолошка потреба на сите да им дели совети како да се облекуваат, однесуваат, каде да одат на одмор… со задолжителни и подмолни додавки кон секого, освен кон себе. И сега е единствената која одвреме-навреме ќе ја крене главата од мобилката и ќе изрежира некаков шлагворт. Се гушам од неа.
Пред кафулето штотуку помина еден мој школски. Се сеќавам дека беше капацитет и заврши највисоки школи. Внимателно го загледав. Се тетерави во износена облека, беден и помалку вреден. Заклучок: кој му е виновен што не е од педигре семејство, како ние тука присутните. Таксират.
А јас, шланг и во тип-топ форма, левитирам во облак и блескам повеќе и од сончевите зраци што продираат низ излогот на кафулето. Но, напорот сепак не вроди плод. Никој рецка не ми удира. Не ми е јасно зошто не даваат макар ни пет пари, кога само крпчињата на мене вредат иљадници „конвертибилни”? Ако, ако… ќе видат кретениве околу мене што ми се нарекуваат пријатели, дека и јас знам да применувам игнор и кенсел-манири.
По извесно време прогласивме фајронт, ама моите нозе одбиваат да тргнат накај дома. И двајцата родители ми се болни. Тешко. Неодамна од мајка ми добив критика дека биле оставени на цедило од моја страна, да се мачат а откако сето спачалено го потрошиле на моето образование и сигурна иднина. Мижи Асан да ти ба’ам. Ама никако да ми објаснат по што јас толку се разликувам од припадниците на мојата генерација. И просекот е сосема во ред, нели.
На крај краишта, во расправата секогаш ми стои во резерва аргументот дека не е моја вина што тие решиле да имаат деца. Што треба да правам јас сега, кога не разбираат колку времињата се сменија? Да земам ли кредит за нивно лекување, кога и така не работам, а сепак немам ниту време, ниту нерви за губење. Башка што имаат и бројни други проблеми од материјална природа. Всушност, ТИЕ треба да продолжат да трошат на мене додека се живи, како природен след на работите а не обратно. Барем јас така ги сваќам работите. Кредит за лекување на своите родители и слични потребштини можеби би зел претходно споменатиот „школски” со капацитет, бидејќи таквите како него се научени и навикнати вечно да глумат жртви. Јас си имам други проблеми. На пример, ме интересира дали претстојнава сезона ќе бидат ин оверсајз моделите или модниот тренд ги направил пасе.
З. Ц.

