Почитувајте, за да Ве почитуваат!

Една од најраспространетите, но и најстрашни појави наметнати од модерниот ултра-брз стил на живеење е – целосното отсуство на почитување кон се што не опкружува. Во оваа дистопија на балкански начин, раритет е почитта во односот родители – деца (и обратно), меѓу брачните другари, деловните партнери, соседите, кон природата…

Хуман хабитат, што беше тоа? Емулираме сарај, а не сме ниту чардак. Катадневно се доживува констернација во безмалку секоја пригода. Жртви сме на своевидно убиство (умирачка) на рати. Универзалните вредности се во слободен пад. Доживуваме „фрактура” на моралот, како последица на „малигнитет” од висок степен. Не почитуваме и не не почитуваат. „Што јужније, то тужније”.

Нема двојба, неопходна е тектонска и сеопфатна метаморфоза кај секој од нас за да се напушти омнипрезент природата на антиманирот. Но, како да се постигне тоа, при констелација која (нај)често, (и)ако не и по правило, подразбира конспирација? Како да дојдеме до тоа да не почитуваат, откако ние претходно ќе научиме да почитуваме? Која е таа фасета што ќе не постави на вистинскиот пат без меандрирање?

Емпириски гледано, секој треба да настојува да стори се што може за да го исполни дадениот збор. Да го исполни ветеното. Сите сме сведоци колку изгледа грдо кога од тв-екраните, оние кои ги носат најважните одлуки во општеството, онака доследни во недоследноста, ќе не избомбардираат со толку многу зборови, а толку малку вистина.

Мора да го почитувате и туѓото време. Кој ли само душман ја измисли прифатливоста на „академското” 15-минутно доцнење? Не е тоа академија, туку најобична невоспитаност. Уште ми е во сеќавање веста од пред неколку децении за раководителот на железничка постојка во Јапонија кој си извршил харакири поради неколкуминутно доцнење на еден воз. Очевиден пример колку сме далеку од меинстримот што владее во таа далечна и егзотична земја. На наша штета, се разбира.

Следно, чувајте ги туѓите тајни, исто како што ги чувате сопствените, бидејќи во спротивност никој нема да Ви се довери. Ќе се согласите дека радио-Милевите „со тапија”, се со најмалку претензии да бидат почитувани. Нивната улога во општествениот живот е, сосема заслужено, само да послужат како извор на информации и ништо повеќе.

Исто така, бидете искрени и вистинољубиви. Оние кои сакаме да не почитуваат мора да развијат слика за нас како за личности кои избегнуваат манипулации. Секако дека и прашањето што е вистина а што не е, заслужува посебна дискусија, но тоа не е причина да се повлекуваме пред потребата постојано да трагаме по вистината.

Потоа, бидете верни. Ако сте во ситуација да браните свој близок човек од јавни напади, сторете го тоа дури ако и самите сте свесни дека постапил погрешно. А, кога ќе останете сами, критикувајте го и укажувајте му на грешките. Така, и Вие и тој ќе знаето дека не сте го изневериле. Кај другата страна ќе се зацврсти впечатокот дека во секоја пригода ќе може да се потпре на Вас и ќе Ве почитува поради тоа.

Мора да преземате одговорност за тоа што сте изговориле и сториле. Во спротивно, би можеле да бидете обвинети за двоен аршин и лицемерие. Оној кој не си ги признава сопствените грешки а ги бара кај другите, не ни заслужува да биде почитуван.

Тежнејте кон комуникација и разбирање. Почитта не вирее при отсуство на минуциозност. бидејќи, ако не се разбирате со партнерот и не комуницирате со него секогаш кога има потреба, само ќе се најдете „изгубени во преводот” и тоа ќе биде крајот на „приказната”.

Последно, но не и најмалку важно – имајте доверба во другите луѓе, исто како што очекувате и тие Вам да Ви веруваат. Ова е веројатно најсложениот совет на даденава тема, кој воедно ќе бара и најголем напор од Вас за да го применувате. Тоа е тешка задача која подразбира многу искуство при проценувањето на другите луѓе, особено ако се има предвид какви се индивидуи можат да Ве чекаат зад аголот. Меѓутоа, стравот од евентуалните стапици и можноста да бидете искористени не смее да Ве поколеба во намерата да бидете повеќе почитувани. Велам дека само треба да бидете повнимателни.

Секако, ова не се совети во насока од Вас да направат лидер. Доволно е само да Ви помогнат да бидете попожелен за почитување од поблиското опкружување, додека сето останато и пошироко, е само прашање на личен афинитет и амбиција.

                                                                                                                        З.Ц.

Слични Написи