Само една секунда

Има секунди што траат пократко од еден здив а оставаат трага подолга од цел еден живот. Не знаеш кога ќе дојдат. Не те прашуваат дали си подготвен. Не чекаат да ги завршиш плановите. Не ти даваат последна можност да кажеш нешто што си го премолчел. Само се случуваат.

И тогаш, во една единствена секунда, животот што си го познавал исчезнува. Не мора ништо да се урне пред твоите очи. Понекогаш улиците остануваат исти. Сонцето повторно изгрева. Луѓето одат на работа. Телефоните ѕвонат. Некој се смее во соседната соба. Светот продолжува. Само твојот свет повеќе не е ист.

И тоа е најстрашното нешто во животот — што можеш да стоиш меѓу илјадници луѓе а никој да не знае дека во тебе штотуку завршил еден живот. Се насмевнуваш, затоа што така си научил. Одговараш: „Добро сум“, но во тебе одекнува едно тивко: „Не сум“.

Психолошки, човекот има неверојатна способност да преживее нешта за кои некогаш мислел дека никогаш нема да може да ги поднесе. Прво плаче. Потоа молчи. Потоа се обидува да разбере. А на крајот учи да живее со она што никогаш не го избрал. Но никогаш повеќе не станува истиот.

Затоа што постојат рани што не крварат,а болат секогаш кога ќе се сетиш кој си бил пред нив. И можеби токму тоа е созревањето. Да сфатиш дека животот не е она што си го планирал, туку и она што те принудил да преживееш. Некои луѓе влегуваат во твојот живот и оставаат љубов. Други оставаат лекција. Додека некои оставаат празнина што никој никогаш не успева целосно да ја пополни. Но најтешки се оние моменти кога сфаќаш дека си можел да кажеш: „Те сакам“. Си можел да кажеш: „Извини“. Си можел да останеш уште пет минути. Можел да се свртиш уште еднаш. Но не си.

И потоа цел живот човекот знае да се враќа во истата секунда, во мислите и си поставува прашања на кои веќе нема кој да му одговори. Што ако? Две мали зборчиња. А можат да бидат потешки од цела планина.

Затоа, не го одложувај животот. Не ги оставај најважните зборови за утре. Не претпоставувај дека луѓето што ги сакаш секогаш ќе бидат тука. Не чекај животот да те научи преку загуба колку нешто ти било драго. Затоа што животот е чудно тивок пред да се промени. Сè изгледа нормално. А потоа… една секунда. И веќе нема „пред“.

Постои само „потоа“. И ти. Постар за една болка. Помудар за една вистина. Посилен, можеби. Но никогаш повеќе ист.

Азра

Close up of an Old clock face

Слични Написи