Асинхронизам
Како мал многу сакав часовници. Сакав да ги растурам, да ги составувам, да им менувам делови, но најмногу од се сакав да ги синхронизирам. Сакав сите часовници — дигитални и аналогни, со римски и арапски бројки, да функционираат во еден здив.
Мојата радост обично траеше само неколку минути.
Никогаш не успеав синхронизацијата да ја доведам до ниво на совршенство што го имав в глава. Колку и внимателно да ги наместев, по некое време некој ќе побрзаше, друг ќе заостанеше, трет ќе изгубеше секунда што подоцна ќе станеше минута.
Како што растев, растеше мојата фасцинација со часовниците — нивната симетрија, функција, механика и естетика. Единствено научив да ја потиснувам онаа чудна потреба сите да покажуваат исто време.
Подоцна разбрав дека луѓето не се многу различни.
Сите ние „чукаме“ според различен часовник.
Некој функционира со датум, друг со штоперица. Некој ги мери секундите, некој годините. Некој брза, некој доцни. Некој прескокнува минути и часови а некој понекогаш едноставно престанува да чука.
Но секој од нас има свој ритам, приспособен на сопствените желби, стравови, потреби и искуства. Проблемот настанува кога ќе посакаме туѓиот да го наместиме според нашиот часовник.
Очекувањето за синхронизација доаѓа одвнатре, но самиот чин на синхронизирање секогаш е насочен кон нешто надвор од нас. Водени сме од инстинктот, желбата, страста, љубовта, стравот — и несвесно очекуваме истите импулси да ги препознаеме кај другиот.
Го бараме сопствениот ритам во другите луѓе.
Не затоа што само тоје исправен, туку затоа што ни е познат.
Тој е нашиот ред во хаосот. Нашиот мир среде бескрајното чукање на туѓите механизми.
Естетиката, сепак, не го движи механизмот.
Механизмот е производ на внимателно поставени елементи, нивната меѓусебна зависност, триењето, отпорот и доброто подмачкување.Прекрасен часовник може да биде неисправен а недоделканиот да мери време со неверојатна прецизност. Истото важи и за луѓето.
А да се синхронизираат два различни механизми навистина не е доволно само да сакаат да покажуваат исто време. Потребна е заедничка подлога што ќе дозволи да влезат во ист ритам. Дури и тогаш, една микроскопска разлика, едно речиси незабележливо движење во погрешна насока, со доволно време може да создаде разлика од минути, часови и денови.
Можеби токму затоа совршената синхронизација меѓу луѓето е илузија. Потиснувањето на потребата за неа е само одбранбен механизам. Желбата останува. Таа е постара од разумот — потреба за хармонија, припадност и баланс; надеж дека некаде постои човек чиј механизам ќе го препознае нашиот. Но можеби зрелоста не е во тоа да најдеме некого што ќе чука идентично со нас. Можеби е во тоа да престанеме постојано да го местиме туѓиот часовник.
Да прифатиме дека два механизми може да бидат различни, а сепак доволно долго да се движат еден покрај друг.
Понекогаш ќе се разминат за секунда. Понекогаш за минута. Понекогаш едниот ќе забрза а другиот ќе заостане.
Вистинската хармонија можеби не е да покажуваме исто време во секој миг.
Туку и покрај сите мали разлики, повторно да се сретнуваме во истиот час.
Автор: Игор Николоски

