Хоризонтот на феникс
Што кога ќе мора се да правиме од почеток, кога животот ќе се претумба наопаку? Прашање од памтивек и за навек, во овој и во сите останати универзуми. Повеќепати сум се нашол во ситуација, по сплет на околности врз кои не секогаш сум имал влијание, да се вработам во нова фирма, да променам место на живеење, да стекнам нови (не)пријатели, па дури и да учам нов јазик. Таксират. Меѓутоа, да не грешам душа, тоа не било, априори, секогаш кон полошо. Напротив. Сепак, напати соочен со неизвесноста, го научив правилото дека патернот во тие ситуации никогаш не се менува – новото опкружување, секогаш и по правило, подразбираше нова парадигма. Нов живот, со изменета филозофија и нови празни страници што (одново) требаше да се “напишат”. Табула раза.
Почетните преиспитувања, главно во ноќните часови, онака стуткан во недрата на полусонот, околу причините што доведоа до брејкдаун во секоја од дадените ситуации, се покажаа како залудно и неповратно изгубено време. Какво фајде од тоа што виновникот, ако не сум јас, со конкретен или имагинарен лик и без разлика дали сум ја погодил адресата, секогаш го наоѓав како претставник на системот, на државата, на од секој аспект фаличното поднебје… Освен што за миг ми стануваше полесно на душата. Одговорноста да се извлечам на крајот секогаш остануваше моја. Кармата едноставно си доаѓаше по своето и концептот „грижо моја прејди на друг” доживуваше пораз од библиски размери во секоја пригода.
Без амбиција да изигрувам некаков мотивациски гуру, но со надеж за претензија, можам само да Ви пренесам што научив. Не е неопходно човек да биде на ниво на еден мастер ерудита. Доволно е само да биде – Феникс Њуборн.
Пред се, научив дека мора да се прифати оти е во ред да се падне, но не смее да се дозволи да не станеме повторно. Тоа е фундаменталниот концепт. Темелот на опстанокот. Бидејчи, изгубените битки не значат и изгубена војна, нели. Може да ни пропаѓаат фирмите, да банкротираме повеќепати, да ги губиме љубовните и социјалните врски и „се нешто”. Но, здравиот разум вели дека не смееме да се предадеме и да останеме патосирани. Мораме да станеме, бидејќи нема друг излез. Ниту самосожалувањето не доаѓа в предвид.
Следствено, неопходно е да си простиме себеси, но и на оние кои се (ако се) виновни за нашиот нов почеток. Затоа што промените, дури и најстрашните, се составен дел од животот, а неретко и тригер работите сосема неочекувано да фатат ракурс кон епохален успех. Треба веднаш да се расчисти и со тоа дека, откако ќе почнеме да се соземаме, подобрувањето по правило нема да ни се случува преку ноќ. Треба да се биде трпелив, да се оди чекор по чекор, ден по ден и сигурно ќе излеземе на некаков пат. Патот кон успехот обично оди низ трње.
Една од круцијалните работи околу нашата прилагодба кон новото е и активното стекнување нови пријатели. Ни случајно да не чекаме долго без да се спријателиме со некого. Потоа, треба да го смириме сопствениот ум, посветувајќи се на духовноста која ќе помогне да го постигнеме менталниот мир. Еден вид катарза. Ефикасни „алатки” во таа насока се шетањето во природа и разговорите со луѓе кои ги цениме како духовни. Натаму, треба да се обидеме секогаш да бараме добро во лошото, фокусирајќи се кон позитивното. Иако токму за лошите ситуации најчесто велат дека не градат како личности. Слично е и во уметноста, каде речиси по правило најголемите дела се резултат на тешките ситуации со кои се соочувале уметниците во тој момент.
Поентата е да се живее во сегашноста, но и да се анализира минатото. Кратко, рационално и објективно, без постојано враќање кон лошото, бидејќи перманентното враќање кон лошите спомени и (само)обвинувањата само ќе не држат оковани. Мора да поставиме и нови приоритети. Да одлучиме што сакаме и да направиме план како да дојдеме до целта, ако треба, барајќи помош од новостекнатите пријатели. Да не се плашиме од одговорноста (манир на безмалку сите), туку да ја засакаме, исто како што треба да ја сакаме и самата промена или новата средина во која сме се нашле, колку тоа и да звучи контрадикторно и тешко остварливо. Промените, во пакет со предизвиците, може да ни станат дури и интересни и забавни. Редоследот на посочениве „инструменти” секако дека може да биде и поинаков, но битно е композицијата да ги содржи барем повеќето, за движењето низ хоризонтот на настаните да биде комплетно.
Зоран Цариќ

