Ќе му ја мислам подоцна, кога ќе дојде!
Тешко време дојде, нели? Нозете подолги – а ќебето се’ покусо, кога обврските повеќекратно ги надминуваат можностите. Како да се најде излез? Грижи, грижи и само грижи, пусти сидра што не’ влечат кон дното. Би рекол дека сите (чест на исклучоците) се препознаваме во ова сценарио. Наметнат од „оние горе”, проблемот масовно се (ра)шири, ама грижите останаа, иако универзален принцип е да се кине кај што е најтенко. За личните проблеми овој пат ќе избегнам, но би се обидел да дебатирам околу тоа како грижите да ги направиме барем поподносливи.
Не е проблем што понекогаш сме загрижени за нешто, најчесто оправдано, кога грижата е дури и утилитарна, бидејќи ќе обезбеди простор да сториме се што е во наша моќ за поповолен исход. Меѓутоа, огромен проблем е кога ја имаме таа карактерна особина да се грижиме за се’ и сешто и кога таа грижа без крај оневозможува да живееме нормално или да посветиме повеќе внимание на некои не помалку битни работи.
Во прв план, треба да се престане со создавање негативни проекции, да се размислува околу безбројните, најчесто опскурни, варијанти на негативен епилог околу некое идно случување, односно очекуван или неочекуван настан. „Леле, што може да се случи. Резултатот сигурно ќе биде лош. Ќе ја згрешам работата…”. Меѓутоа, не се урнал светов. И натаму е стабилен и без нашите грижи – доколку веќе мора да создаваме проекции околу идните настани, би требало да се потрудиме барем да бидат позитивни: “Резултатот сигурно ќе биде добар. Нема шанси да ја згрешам работата…”, е поприфатливо. Фокус на позитивние варијации на темата и целосен игнор или барем дистанца, на негативните варијации. Им давам среден прст на грижите, како општоприфатен одговор на егзистенцијалните предизвици.
Натаму, се препорачува префрлање во состојба на благодарност. Неопходен е когнитивен пристап, како анализа на целиот живот, за да се потсетиме на се она добро што го имаме наспроти милијардите луѓе на планетава кои немаат речиси ништо, но се далеку поблагодарни за она најминималното и повеќе му се радуваат на животот. Метафизика во најчиста форма.
Следно, препорачувам да се батали размислувањето околу тоа што другите луѓе мислат за нас. Мора да прифатиме дека не ни помислуваат, бидејќи не сме им битни. Далеку сме им под радарот. Во најдобар случај, ќе помислат ретко и тоа само на моменти. Нормално и природно – си имаат свои грижи. Без лутење. Наместо тоа, треба да се свртиме кон себеси, како златно правило и стандард. Да научиме да ја набљудуваме пошироката слика на сопствениот живот. Да ја видиме шумата, не само гранките. Тогаш ќе сфатиме колку таа ситуација, предмет или личност сеедно, всушност, воопшто не биле битни или барем не толку битни, за нас.
Нема двојби дека грижата е емоционален процес, но ако рационално ја анализираме, ќе заклучиме дека речиси по правило размислуваме за иднината. Меѓутоа, станува збор за рацио дури откако претходно ќе се воспостави емоционална рамнотежа. Во секој случај, треба искрено да одговориме на едно круцијално прашање: дали нашата грижа барем малку ќе помогне идните случувања да бидат подобри? Одговорот, секако, е апсолутно – не. Во таа смисла, грижата станува бескорисна, особено ако претходно сме сториле се што сме можеле.
Дополнително, само ќе изгубиме драгоцено време, останувајќи со горчлив вкус во устата. Секако, тоа не подразбира да не планираме потези и активности поради кои ќе станеме поуспешни. Посебен проблем е што (ако веќе нема корист од тоа што се грижиме), може да настане дури и штета, кога грижата почнува да создава стрес и перманентно да не разјадува одвнатре. Чист апсурд, кога веќе времето не е ничиј пријател.
За крај, еве едно конкретно сублимирано сиже прашање: дали би се грижеле околу нешто во иднина, кога би знаеле дека денес Ви е последен ден од животот? Немам дилема каков ќе е одговорот кај секој од Вас. Затоа, како што вели мојот биас, легендарниот Дел Бој: Латер гатер (ќе му ја мислам подоцна, ака, кога ќе дојде).
З.Ц.

