Самотијата како лек
Стручната фела веќе нема дилема околу разликата меѓу самотијата и осаменоста. Општо стојалиште е дека таа разлика е – огромна. Самотијата е далеку од осаменоста колку црното од белото, северниот од јужниот пол… Да се биде сам е физичка состојба, додека осаменоста е емоционално чувство. Во современиот свет, оптоварен со индивидуализам и културен нарцизам, осаменоста, како пандемија во вистинска смисла на зборот, честопати доведува до покачен притисок и е доминантен причинител за опаѓање на когнитивното функционирање, за анксиозноста или депресијата и предизвикува и разорни здравствени импликации со смртни последици. Трагичната судбина е верна придружничка на стотиците милиони луѓе ширум светот кои патат од неа, додека милијардите миленичиња, со бројност како никогаш досега во историјата, се доказ дека луѓето се повеќе тонат во осаменост. Својот данок, нормално, си го „зема” и технологијата, поради која се’ станува осамен дури и со армија луѓе околу себе. На истото стојалиште, впрочем е и Џорџ Венистом во неговото дело „Буниште од емоции” кога вели: „го минува животот осамена, иако никогаш не е сама”. Накусо, осаменоста подразбира и бара макотрпен, долготраен, стручен и сеопфатен ангажман за да му се помогне на осамениот, дури и тогаш со неизвесен епилог.
Дијаметрално спротивна е самотијата за која, со причина, се вели дека дава полно одговори. После негативните искуствата со некои луѓе, некако сите ја доживуваме како лек. Барем околу оваа тема навистина може да приложам личен суд, како човек кој целиот свој живот ја обожува самотијата и тоа не само затоа што во хороскоп сум близнак. За разлика од осаменоста, која е наметната и ужасна сама по себе, самотијата како позитивна, пријатна и лековита, ја бираме сами. Кога сум сам се чувствувам доволно силен да одам дури и спроти ветрот, додека во срцето се вгнездува радост. Напротив, непријатно се чувствувам во друштво со другите луѓе кои неретко ме множат со нула и сличните на нив.
Но, дали може да се биде сам на долг рок? Може – но во зависност од карактерот на поединецот и од личниот избор. Има многу такви, подготвени доброволно да самуваат речиси цел свој живот и тоа е сосема во ред. Меѓутоа, ако се гледа пошироката популација, работите стануваат битно посложени, бидејќи во принцип, општеството наметнува да бидеме во друштво како посакувана и препорачана состојба и средина. Зар навистина ни треба друг за да бидеме комплетни, кога веќе заклучивме дека самите себеси сме си доволно друштво? Впрочем, нели секој човек е онолку силен колку што е во состојба да се бори сам, провоцирајќи егзистенцијален внатрешен дијалог?
Способноста да се биде и остане сам е еден од најважните знаци на зрелост во емоционалниот развој. Ова децидно го тврди струката, став што го третира како принцип од највисок ранг и значење. Имено, кога доброволно ќе избереме да бидеме во куса самоизолација, тоа позитивно влијае врз менталното здравје. Уживајќи во сопственото друштво, во тишината на самотијата се распостилаат мисли додека да се најде спокој, сознание и чудесна мудрост. Тоа е простор-време во кој Душата се слуша најјасно а оние кои се сами подобро ги разбираат сопствените вредности, потреби и граници. Впрочем и Исус мина 40 дена и ноќи во пустината како подготовка за идната духовна мисија. И Стив Џобс секогаш се повлекуваше во самотија, на барем десет минути, пред некоја важна одлука. Еснафот вели дека само петнаесетина минути дневно да се биде сам е доволно за постигнување мир и куп други позитивни импликации. Мене ми треба нешто повеќе а батериите ги полнам главно читајќи книги, слушајќи музика и гледајќи филмови. Нормално, за да постигнете сличен ефект, на располагање Ви стојат или неброено мноштво не помалку пријатни работи. Најпрепорачливо, секако е престојот во природа без други луѓе околу.
Меѓутоа, дури после ваквата терапија следува најважното. Ќе мора да се излезе од илегала, подготвени за соочување со Животот и сите негови сложени предизвици. Тоа го бара природата и егзистенцијата. Друштвото, особено од оние што ни се најмили и најмногу ни значат, си има свои предности кои не можат да се заменат со ништо.
З. Ц.

