Колку вреди една секунда

Замислете дека на вашата маса на Животот имате распослани куп Секунди кои го дефинираат времетраењето на вашиот престој на Земјата!!!! Ниту помалку, ниту повеќе. Точно дефинирани Секунди кои, наредени една по друга, значат Живот.

Искрено, не знам како точно би ги опишал или нацртал секундите во мојата слика на Животот, но како и да е – свесен сум дека нивната бројка е ограничена. Не може ниту да се намали, ниту да се зголеми.

Откако станав свесен за фактот дека Секундите се ограничени, почнав да размислувам за тоа „Колку вреди една секунда“? Дали вредноста на секундата се зголемува или се намалува? Доколку варира, тогаш од што зависи промената на вредноста на секундата? Дали вредноста на секундата се зголемува доколку знаете дека ги „трошите“ последните секунди во Животот? Дали вредноста на секундата може да се изрази во пари, во љубов, во грижа, во материјална вредност, во духовност. Во што?

И многу многу многу (не)одговорени прашања.

За да одговориме на сите овие дилеми и прашања, сакам да објаснам дека Животот го замислувам како низа секунди со почеток и крај. За секој од нас е нотиран почетокот (нели, роденденот), но никој не го знае или не го очекува крајот. Затоа што секогаш доаѓа изненадувачки, неочекувано и непосакувано. Низата ја добиваме на почетокот на животното патување и секој сам ја „троши“ како знае и умее.

Во оној момент кога ќе се „разбудиме“ во Животот, на која и возраст да е тоа, почнува нов живот. Ова не е привилегија за секоја личност, туку само за „одбраните“. Токму тие разбираат дека СЕ што било претходно, всушност, било подготовка за овој нов Живот исполнет со значење, со вредност, со мисла и размисла. Од тој момент ниту една секунда не ја „трошиме“ безвредно. Или ја трошиме без додадена вредност, но свесно и со наша согласност.

Затоа важно е да бидеме свесни и разбудени дека никој не може да ни даде дополнителни секунди во Животот. Толку колку што биле на контото на почетокот, толку и ќе потрошиме. Можеби, за жал, некој насилно може да ни ги скрати овие секунди, но велат дека ништо не е случајно. Токму затоа е важно да го живееме Животот како последен здив и да го искусиме во сите негови хоризонти.

Затоа, колку сме повозрасни и свесни за ограниченоста на секундите, веројатно, се трудиме да правиме Дела со вредност. Веќе ништо не ни значи бесцелното седење по кафеани и барови. Ништо не ни значи или се повеќе ја губи вредноста лудото Ламбурџини на соседот или Пентхаусот на сосетката. Бадијала е куќата на Малдиви доколку само ја поседуваме на хартија, но не ја уживаме колку што сакаме и колку што можеме.

Часовникот на левата рака (токму таа што е поблиску до Срцето) постојано ги мери секундите кои ни остануваат во Животот. Но не може да го измери нивниот квалитет и вредност. Да не се разбереме погрешно, никогаш не сум бил против материјалните вредности и удобности во Животот, но секогаш сум против тоа тие да имаат примарна базична улога во нашиот Живот.

Непобитен факт е дека ги трошиме секундите. Но, се надевам дека сте свесни дека колку помалку секунди имаме, толку повеќе ги цениме.

ТосТ

Слични Написи